Доколку се поврзе „суштината“ на Концепцијата, принципите, стратегиите и методите на настава и учење со понудениот наставен план тогаш јасно е дека нема кратење на фондот на часови, ниту пак тоа е на штета на учениците. До сега се говореше дека учениците се преоптоварени, дека имаат преголем број на наставни предмети, а сега, при првиот обид на суштинска промена во интерес на учениците, да бидат растоварени од „непотребни знаења“, фактографски знаења, се поставува прашање зошто е тоа направено.
Во првиот период на основното образование, согласно возраста на учениците, наставните програми се така развиени што овозможуваат преку метод на игра, истражување и учење преку искуство, се разбира преку интеграција на целите, содржините од различните наставни предмети, учениците да ги постигнат предвидените резултати од учење.
Со интегрирањето на наставните предмети во повисоките одделенија не е намален вкупниот број на часови од научните области кои и до сега се изучуваа преку различни наставни предмети. Бројот на часовите, поврзувањето и распоредот на модулите ќе даде јасна претстава за застапеноста на секоја научна дисциплина кога ќе бидат развиени наставните програми. Донесени се наставните програми за прво и четврто одделение од кои јасно може да се види новиот квалитет.