Да се исклучи сеопфатно родово сензитивно образование во основното образование

Образованието има клучна улога во создавањето можности за трансформација на штетните родови норми и обрасци на однесување. На тој начин придонесува за намалување на распространетите родови стереотипи и на нив заснованата родова нееднаквост, дискриминација и насилство, а истовремено, им овозможува на децата раст и развој во согласност со нивните интереси.

За да овозможи родова рамноправност, образованието  поттикнува вклучување на родовата перспектива во обуката на наставниците, реализира настава низ содржини во кои нема експлицитни родови стереотипи, користи пристап кој е родово сензитивен и повикува на критички однос кон родовата нееднаквост. Наставните содржини се избрани така што водат грижа и на девојчињата и на момчињата да им понудат позитивни модели за идентификација кои не се ограничени од традиционалните родови улоги.

Содржините кои ја промовираат родовата рамноправност сугерираат дека полот/родот не смее да биде основа за различно вреднување и моќ, истовремено придонесувајќи кон тоа да се разберат негативните последици од крутото придржување кон родовите норми, очекувања и улоги. Ваквите содржини се застапени во наставните програми на сите предмети каде што тоа е можно, а во учебниците и наставните материјали за овие предмети, овие пораки, освен што се пренесуваат преку самите текстови, се поддржуваат и преку визуелниот материјал и преку различните вежби наменети за критичко преобмислување на поимите.

Од исклучително значење за обезбедување родово сензитивно образование е тоа што меѓу понудените изборни предмети има такви кои барем делумно се посветени на стекнување сознанија за тоа  дека родовите норми и улоги не се фиксни, како и тоа дека родовите стереотипи можат да доведат до сериозни индивидуални и општествени последици меѓу кои најпроблематична е високата застапеност на родово заснованото насилство. Се очекува ваквите предмети, преку посочените содржини, да овозможат градење на негативен став кон сите видови родова дискриминација.

Важна компонента во промовирањето на родовата рамноправност преку образованието е стимулирање на учеството на учениците во наставните и воннаставните активности независно од полот/родот, односно стереотипните очекувања поврзани со полот/родот. Професионалната ориентација и советување во училиштето, исто така, може да придонесе за надминување на традиционалното гледање на професиите како „машки“ и „женски“ и да ги охрабри девојчињата и момчињата при изборот на професијата да се раководат од своите желби, способности и интереси.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *