Без мотивирани наставници и стручни соработници и најдобро испланираната реформа на хартија нема да го даде очекуваниот ефект. Затоа, Владата на РСМ и МОН посветуваат големо внимание на враќање на дигнитетот на наставничката професија и подигнување на важноста на наставниците во општеството, но и зголемување на нивното задоволство при работењето.
Во таа насока предложени се измени на Законот за наставници и стручни соработници во основните и средните училишта кои може да се видат на следниот линк.
Сите досегашни барањата на наставниците, стручните соработници и репрезентативните синдикати се прифатени и интегрирани во Законот за наставници и стручни соработници.
Со измените обезбедуваме правна и економска сигурност на кадарот од чие задоволство при работењето зависи квалитетот на наставата.
Наставниците и стручните соработници отсега директно ќе се вработуваат на неопределено време доколку ги исполнат законски предвидените услови, а тоа овозможува:
• Ослободување од стресот предизвикан од неизвесност дали ќе им се продолжи работниот однос и дали по 2 години ангажман на определено време следи трансформација, или ќе добијат отказ.
• Се обезбедува континуитет во реализација на наставата што е важно и за наставникот, но и за учениците (и нивните родители) кои ќе немаат грижа дали од следната учебна година ќе им предава друг наставник и ќе им биде потребна повторна адаптација.
• Се овозможува професионален и кариерен развој, како и следење и оценување на работата уште од првиот ден на стапувањето во редовен работен однос.
Со измените им се трансформира работниот однос на сите наставници и стручни соработници кои до моментот на негово стапување на сила се ангажирани на определено време, доколку ги исполнуваат предвидените законски услови.
За прв пат, законот прецизно ги дефинира компонентите на платата на наставниот и стручниот кадар во училиштата: основна и исклучителна.
• Основна компонента на плата (дел на плата за степен на образование, дел на плата за ниво и дел на плата за стаж)
• Исклучителна компонента (додаток на плата за претходно стекнатите педагошки звања како резултат на успешност во работењето – истакнат педагошки работник и особено истакнат педагошки работник; додадок за одделенско, односно класно раководство; додаток за работа во комбинирана паралелка – за наставникот и стручниот соработник во основно училиште и додаток за работа во ридско-планинско подрачје – за наставникот и стручниот соработник во основно училиште.
• МОН и репрезентативниот синдикат склучуваат спогодба, со која се утврдува износoт на вредностa на бодот за пресметување на платите на наставниците и стручните соработници.
• Вредноста на бодот за пресметување на платите на наставници и стручни соработници се усогласува со процентот на пораст на минималната плата (со зголемување на минималната плата, се зголемува и платата на наставниците и стручните соработници)
• На наставникот кој реализира воспитно-образовна работа според наставен план и програми донесени согласно Концепцијата за основно образование и воспитание, му се исплаќа плата во висина на плата за 40 часовно работно време во неделата, доколку има минимум 10 наставни часови (исплата на целосна плата за неполн фонд на часови)
Законот овозможува кариерен напредок на наставниците и стручните соработници:
• Бројот на наставници кои може да се стекнат со звање – ментор или советник се одредува на годишно ниво и тоа: во училишта со најмногу до 25 паралелки – еден наставник може да напредува, во училишта кои имаат до 50 паралелки, може да напредуваат двајца наставници; во училишта со над 50 паралелки може да напредуваат тројца наставници.
• Бројот на стручни соработници кои може да наредуваат во звање ментор или советник за секоја општина ги одредува министерот на годишно ниво, по претходна согласност од Владата.