Информација
Наставниците од прво и четврто одделение во новата 2021/2022 учебна година наставата ќе ја планираат и ќе ја реализираат на нов начин, согласно насоките добиени на обуките од Модул 2:
Планирање и реализација на наставата според новата концепција за основно образование.
За таа цел Бирото за развој на образованието, потребните обрасци за планирање ги прикачува како ворд документи, a за нивно пополнување може да се користат новите наставни програми за прво и четврто одделение кои може да се преземат на линковите дадени подолу.
Наставни програми за прво одделение
Наставни програми за четврто одделение
Планирање на реализација на наставната програма
Прилог1: Образец – Планирање на реализација на наставната програма
Планирањето го изготвува стручниот актив, пред почетокот на новата учебна година, а најдоцна до 31.8.2021 година. Во рамки на активот се анализира наставната програма и се врши распоредување на часовите од темите на наставната програма согласно содржините и стандардите за оценување дадени во наставната програма. Исто така, тие се поврзуваат со дадените примери на активности во програмата, а доколку нема примери за определен стандард или наставниците сметаат дека друга активност е посоодветна за постигнување на стандардот пишуваат нова активност, но при тоа се водат од иновативните пристапи од Концепцијата и реализираните обуки.
При пополнување на Образецот наставниците го користат текстот од наставните програми дадени како ворд документи.
Прилог2: Образец – Сценарио за час
Планирањето го изготвува стручниот актив, најкасно една недела пред да почне реализацијата на часовите од определена тема. Во образецот се пополнуваат истите содржини и стандарди согласно наставната програма и претходното планирање, со тоа што се конкретизираат датата на реализација на часот и врз основа на активностите од програмата се специфицираат сценарија за час и потребните средства за реализација на часот. За секој час се подготвува одделно сценарио (не се подготвува едно сценарио за повеќе часови). И тогаш кога еден стандард се работи на повеќе часови, за секој час има различни активности и затоа и различни сценарија.
При пополнување на Образецот наставниците го користат текстот од наставните програми дадени како ворд документи, речиси за сите елементи од планирањето, освен за датата, сценариото за час и средствата за реализација на часот.
Прилог3: Образец – Неделно планирање
Планирањето го изготвува наставникот индивидуално според дадениот образец за цела недела однапред. Се запишуваат само содржината и стандардите за оценување што се планирани за часот.
Во меѓупредметната интеграција се наведуваат наставните предмети и поимите/активностите преку кои наставникот планира да ја оствари интеграцијата.
Ова планирање претставува основа за водење на електронскиот дневник. Неделното планирање треба да им биде достапно и на родителите/старателите. Преку него тие добиваат увид во часовите што ќе ги имаат нивните деца во текот на неделата (со оглед на тоа што распоредот не треба да биде фиксен) и уште поважно, во она што нивните деца ќе го учат во училиште (преку стандардите за оценување).